Web Toolbar by Wibiya Мемоарите на Лорен Марс: March 2016

Wednesday, March 16, 2016

Меланхолија




Го подготви кафето токму какво што го сакаше. Голема шолја, четири лажички кафе, две лажички шеќер. Беше премногу врело, па почека да се излади малку, додека седна да пишува. Ниедна мудра мисла не ѝ доаѓаше, па само така шкрабаше неповрзани зборови.
Не ѝ се допадна тоа што го напиша, го избриша и, се фати за шолјата, кафето беше веќе изладено. Таа не сакаше изладено кафе.
Се приближи да отпие една голтка, сфати дека пие талог. Она најгоркото, на дното. Не се ни сети кога го испила целото кафе без да забележи. Кафето го снема, приказата остана недопишана.

Тој, пушејќи ја последната цигара од кутијата, објави тажна песна на Фејсбук. Во неа се пронајдоа три девојки, вклучувајќи ја и неа. На здравје кафето!

   Lauren Mars, 2016

Thursday, March 10, 2016

Само едно прашање



„Ти, единствениот кој со својата несигурност, која ја претвораш во игнорирање, можеш во истиот момент да ме фрлиш во длабочините на тагата, бесна, каејќи се што воопшто те познавам и сум ти дала некакво значење, а од друга страна, со само еден збор можеш да направиш да скокам сѐ до таванот, исто како што се чувствувам енергично по испиеното дупло кафе, со четири лажичи.

Да, да, тебе ти се обраќам. Тебе, и никому друг. Имам само едно прашање, како ти успева? Како би го објаснил моето наежување, кое поминува низ целото тело како електрицитет, притоа кревајќи го секое влакненце на истото? А, паѓањето во црна бездна, во која се чини паѓам толку долго, а сѐ уште не сум го почувствувала дното? А, што со онаа љубовна спирала, знаеш, онаа која вртоглаво поминува низ мене, правејќи да го загубам тлото под нозете?

Зарем нема да кажеш ништо? Не, всушност, нема ни потреба, веќе се навикнав на тишината, која понекогаш е толку гласна, што ми ги распарчува мислите.“